Македонија
7. May 2022 - 16:41

Обвинение за лекарите кои без потреба извадија матка, јајник и бубрег на родилка во Струга

Обвинети се тројца лекари од Струга кои и извадија здрави органи на родилката Јилдз Веапоска од Дебар. После речиси 2 години Обвинителството покрена обвинение за поранешниот директор на струшката болница гинекологот Мухамед Асани, еден специјализант по гинекологија и докторка гинеколог за загрозување на живот на Веапоска. За време на царскиот рез во август 2020 година прво и второобвинетиот и ја оштетиле левата бубрежна артерија по што дошло до нагло влошување на состојбата на пациентката и не презеле никакви мерки за да ги утврдат причините за крварењето.

Според обвинителството потоа и давале терапија која дополнително и ја влошила состојбата на родилката и задоцниле со реакција бидејќи Веапоска изгубила многу крв и паднала во кома.

-Во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената, која потоа била препратена на лекување на скопските клиники, стои во соопштението од обвинителството.

Веапоска е задоволна бидејќи обвинителството докажало лекарска грешка и низ каква голтота поминала после породувањето.

-Моите очекувања се да има затворска казна за лекарите. И да не се осуди ниту еден лекар да направи лекарска грешка бидејќи тоа е многу болно. Јас знам како 2 години се борам и сум половина човек, не можам да функционирам како што сум функционирала пред 2 години. Што и да биде мене здравјето не може да ми го врати докторот. Ама барем да има правда, правдата да излезе и други лекари да не направат такви грешки и секој да си одговара за стореното дело, изјави за Сител Јилдз Веапоска.

Вештачењето кое по барање на обвинителството го направиле експерти од Институтот за судска медицина покажало дека матката и едниот јајник на жената и биле извадени без медицинска причина, а левиот бубрег морало да се извади за да се спаси животот на Веапоска, но крвниот сад не бил добро подврзан.

Претходно за овој случај Комисиите формирани од поранешниот министер Филипче и Лекарската комора не констатиураа пропусти во лекувањето на Веапоска.

-Апелирам до Лекарската комора и до комисијата формирана од поранешниот министер кои донесоа одлука дека нема лекарска грешка да се преиспитаат прво иако знаеа дека има лекарска грешка, рече Веапоска.

Инаку после обелоденувањето на случајот со родилката Веапоска сега првообвинетиот поранешниот директор на струшката болница гинекологот Асани  заработи обвинение бидејќи лекувал дома во дива гинеколошка ординација.