Македонија
8. May 2022 - 16:43

Протест на родителите пред ОУ „Киро Глигоров“, бараат игралиштето да остане на учениците

Протест на родители на деца кои учат во основното училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец поради изнајмувањето на игралиштето на приватна фирма. Револтирани се бидејќи нивните деца нема да можат да го користат просторот за спортски активности попладне, за викендите и летниот распуст.

-Мислам дека тоа не е добра одлуча, бидејќи децата после часовите сакаат да си играат во училишниот двор и сакаат да имаат детство. Ако нашиот училишен двор биде земен нашето детство ќе се уништи, рече ученикот Огнен Јанковски.

Родителите воопшто не биле известени, ниту дале согласност за изнајмување на спортското игралиште. За договорот случен во 2021 дознале пред некој ден. Стравуваат дека покрај ограда висока 6 метри во дворот на училиштето ќе никне и угостителски објект. Родителите бараат да се преиспита регулативата која дозволува училиштето да склучува комерцијални договори и истите да бидат само во интерес на децата.

-6 метри со ограда, на што ќе личи тоа како во кафез, изјави Билјана Петровска.

Иако побаравме, не добивме став од директорката на „Киро Глигоров“, зошто склучила договор за изнајмување на игралиштето и дали околу него ќе се гради ограда?

Од општина Центар под чија надлежност е училиштето велат дека утре ќе се одржи состанок со претставници на родителите кои протестираа со цел да се изнајде решение пред се во интерес на децата од Капиштец.