Македонија
11. July 2022 - 16:32

Над 3.000 деца само во Скопје чекаат на место за згрижување во градинка

Само во Скопје околу 3000 деца чекаат да тргнат во градинка. Листата е најголема во Аеродром над 900-тини, Ѓорче и Гази Баба по околу 500-тини, во Центар и Кисела Вода на по 200 деца  им треба згрижување во воспитно образовни установи. Повеќето од нив повеќе од година и половина не можат да стигнат на ред за да влезат во занималните. Главен проблем е недостигот на градинки.

-Секаде онаму каде имаме поголем број на дечиња кои чекаат влез во предучилишно образование, апелирам до градоначалниците да подготвуваат проекти да ги доставуваат до МТСП. Ние градиме градинки врз основа на проекти, изјави Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика.

Градоначалникот на општина Центар уверува дека од септември ќе бидат згрижени сите деца кои чекаат ред за во градинка.

-Во општина Центар чекаат од околу 200 деца, и како што најавивме приоритет ќе имаат децата од општина Центар и истите во септември ќе бидат згрижени, изјави Горан Герасимовски, градоначалник на општина Центар.

Инаку денеска во населбата Пролет почна да се гради нова градинка со капацитет за 150 деца. Ќе има 9 занимални. Оваа инвестиција на општина Центар чини 155 милиони денари.