Македонија
13. July 2022 - 16:46

Заразени има, тестирање на државно повторно нема

Бројките на Ковид позитивни растат, а нема термини за тестови на државно. Ако до вчера матичните лекари можеа да закажат тестирање за ден - два, денеска за пациент од Скопје прв слободен термин е во петок во Гостивар, Тетово или Велес. Поради ова граѓаните повторно се принудени од свој џеб да си платат во приватните лаборатории.

 - Додека до вчера можевме да закажеме за тест до петок, днеска немате термин за тест за Ковид дури до понеделник, затоа некои граѓани се одлучуваат да одат да се тестираат на приватно. Сметам дека бројките се 5-пати поголеми од оние во дневните извештаи, изјави д-р Анкица Станоевска, матичен лекар.

И дневната статистика за тестирања покажува дека од околу 1500, една третина се направени приватно во некоја од 18-те лаборатории.

Од министерството за здравство на прашањето од Сител зошто нема термини на државно кога има зголемување на бројот на нови случаи одговорија дека ќе се пуштат дополнителни термини.

- Веднаш по констатираната состојба и спроведување на анализата на терен која е во тек,  во тек на денов  ќе биде иницирано зголемување на бројот на термини согласно потребите за тестирање на пациентите. За таа цел, се контактираат установите со цел соодветно проширување на капацитетите за тестирање, велат од МЗ.

Во меѓувреме во ординациите на матичните лекари цели семејства доаѓаат на преглед поради симптоми на Ковид. Меѓусебно се заразувалале за ден-два. Повеќето се со полесна клиничка слика.

Немаме значително покачување на Д-димерите. Се жалат на страшни главоболки, вртоглавици, гадење, повраќање, високи температури кои траат 3-5 дена кои го истоштуваат и дехидрираат пациентот, затоа да не земаат антибиотици на своја рака туку да дојдат на преглед кај матичните, вели д-р Станоевска.

Инаку наместо денеска, Комисијата за заразни болести во петок ќе ја анализира епидемиолошката состојба по што ќе одлучат дали има потреба од некакви мерки, бидејќи  засега нема зголемен број на пациенти во болниците.