Македонија
15. July 2022 - 16:42

Кривични пријави за 5 вработени и екс директорот на ЗОО Скопје - животни биле убивани без процедура и документација

По грозоморната глетка каде вработени во зоолошката беа затекнати како касапат коњи за прехранување на другите животни, кривично ќе се гонат пет лица и разрешениот директор на установата. Вработените беа приведени во полициска станица, а обвинителството чека кривичните пријави да стигнат до нив за да постапат.

По инцидентот градоначалничката на Скопје, експресно го разреши директорот Кристијан Стаменов. Но тој денеска со објаснување, дека закланите коњи биле болни и изнемоштени, па затоа би завршиле како храна за останатите животни. Проценката за тоа во каква состојба биле коњите ја направиле вработените, но и усно инспектор од АХВ. Според Стаменов, ова не е прв пат да се случува ваков чин во зоолошката градина, а како пример ја даде и жирафата која почина и беше дадена како храна за лавовите. Коњите биле земени од Идризово, 16 на број од кои четири од нив биле во добра состојба да бидат изложени во зоолошката, додека другите кои беа заклани  имале скршеници, повреди, малигни заболувања од претходно што биле злоупотребувани.

Од АХВ демантираат дека нивни инспектор направил проценка дека закланите коњи биле болни или изнемоштени. Според Агенцијата овие животни не биле никаде регистирани и затоа не може да се знае каква била нивната состојба, затоа месото од нив е уништено во Дрисла. При инспекцискиот надзор Агенцијата во депото затекнала и две диви животни, а во фрижидерите во кланичкиот објект најдени се мрши од закланите животни во количина од над 1.000 килограми

Министерот за внатрешни работи истакна дека убивањето животни нема да се толерира и повика постапката да заврши до крај.

На инцидентот во скопската зоолошка реагираше и екс градоначалникот Шилегов, дека во буџетот на град Скопје за оваа година средствата за оваа установа се скратени за 4.500.000 денари во однос на претходната година, па праша дали за зоолошката однапред било планирано да стане кланица?

Разрешениот директор пак вели дека има доволно пари квалитетно да се прехранат животните.

Во земјава нема регистрирано кланица за копитари, ниту во зоолошката градина.