ВМРО-ДПМНЕ: Македонија доби свечен ручек и скапа фотографија, СДСМ: Ова е историски ден
Честитки за македонските граѓани и благодарност за сите кои досега се вложиле за успешната евроинтеграција упати шефот на државата по повод почетокот на пристапните преговори. Пендаровски во писмена изјава наведува дека и покрај предизвиците, граѓаните ја одржале поддршката за влез во ЕУ. Вели, македонскиот станува службен јазик во ЕУ.
„Започнуваме нова фаза за политичка интеграција, да станеме дел од европското семејство на нации, каде македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици во Унијата. Не чека напорна работа, вложување на целокупните општествени и институционални капацитети за понатамошните фази на процесот на преговори“
Настанот во Брисел, за опозицијата е влез на Македонија во лавиринт каде историјата и минатато ќе бидат многу поважни од сегашноста. Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека владините претставници денеска имале само свечен ручек и фотографија, но не и реален почеток на преговори. Според партијата, државата ќе влезе во политичка криза откако владејачкото мнозинство нема да успее да го промени уставот, па ќе следат и предвремени избори.
„Фотографијата од Брисел, ќе ни послужи добро да ги препознаеме оние кои што во Македонија се неспособни и оние кои во соседството се способни и оваа фотографија ќе биде многу добра за генерациите да се сеќаваат кои луѓе за краткорочна политичка кариера одлучиле свесно да играат улога на предавници“
„Дека ова не е историски настан и дека владата прави уште една манипулација, покажува и фактот што вечерва откако ќе се вратат од Брисел, премиерот Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ, ќе одат во клубот на пратеници на затворена прослава каде веројатно ќе има и добра храна, но доколку е историски ден нека одат на плоштад и нека го повикаат народот на заедничка прослава“, изјави, Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
За владејачкото мнозинство, денеска е историски за државата.. Според СДСМ, тоа што премиерот Ковачевски се обратил на македонски јазик, е потврда дека непризнавањето од Бугарија е нејзина одлука, ама не и на останатите земји членки на ЕУ.
„Тие се свесни дека тоа е само нивна моменталнa политичка одлука и дека не можат со тоа да влијаат на она што е став на 26 земји, односно да влијаат на она на што почива Eвропската унија. На крајот, веќе се се погласни луѓе, интелектуалци од политиката, историјата кои имаат спротивен став од она што го има актуелната политичка гарнитура во Бугарија“, изјави Снежана Калеска-Ванчева, пратеник на СДСМ.
Одржувањето на првата меѓувладина конференција, за Али Ахмети е ново поглавје за државата. Тој на фејсбук напиша:
-Европа е нашиот дом и немавме друг избор и покрај препреките низ кои поминавме.
За Зијадин Села, отворањето на преговорите се од витално значење за државата и единствена надеж за економски напредок.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
