Македонија
26. July 2022 - 16:58

Пресуди за насилствата на протестите

Условни казни во траење од две години одреди судот за обвинетите кои на почетокот на месецов го искршија собранието и повредија дваесетина полицајци. Денеска во обвинителна клупа седнаа осуммина, седум од нив признаа дека го демолирале парламентот, а еден негираше дека искршил полициско возило, па за него ќе продолжи судењето.

„Обвинетите се огласуваат за виновни за кривично дело, учество во толпа. На сите судот им одредува казна затвор од две години која нема да се изврши ако во следните четири години не сторат ново кривично дело“, потенцираше судијата Славица Андреевска.

Обвинетите се на возраст од 18 до 36 години, тројца од нив се уште седат во средношколските клупи. Сите признаа вина, тврдеа дека никогаш повеќе нема да ја повторат грешката. Каењето и ветувањата, освен судот ги слушаа и нивните родители.

Иван Јосифовски: „Не ми паѓа на памет да повторам вакво нешто“

Виктор Стојков: „Моето каење е големо, исто како и мојата грижа на совест за стореното“

Штефан Шуман: „Не бев свесен за тоа што го правам и последиците од тоа“

... беа дел од изјавите кои ги дадоа младите момчиња во судницата.

Нивните адвокати се задовлни од пресудата. Велат, казните ќе бидат поука за сите кои ќе предизвикаат нереди за време на идните протести.

Обвинетите одговараа за учество во толпа. На петти месецов на протест пред собранието, обвинителството утврдило дека повредиле 26мина полицајци, скршиле девет прозорци и 14 ролетни на законодавниот дом и објекти на обезбедувањето со што предизвикале штета од близу илјада евра. Оштетено било и полициско возило.

Претходно, вина призна и Цуфи Кока кој беше обвинет дека за време на протестите со пиштол пукал во воздух додека учесниците во протестот минувале кај плоштадот Скендербег.

Тој беше осуден на четири месеци затвор.