Три лица и еден правен субјект обвинети за пожарот во модуларната болница во Тетово
Обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница каде живи изгореа 14 лица, се екс директорот Флорин Бесими, поранешниот економски директор и дежурниот доктор кои се грижел за пациентите на кобниот ден, дознава Сител. Двајцата поранешни директори кои веднаш после пожарот си дадоа неотповикливи оставки се обвинети дека не обезбедиле противпожарен систем во болницата, додека дежурниот доктор ќе одговара зошто пуштал роднини и пријатели кај ковид болните, што е спротивно од здравствените прописи. Тетовската болница се гони за двете кривични дела.
Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.- соопштија од ОЈО.
Трагичниот настан се случи на 8 Септември минатата година, а обвиненијата следат дури 10 месеци откако започна истрагата. Истрагата ја водеше тетовското јавно обвинителство, а помош да се расветли случајот имаше и од германски експерти од Сојузната криминалистичка полиција од Германија.
Досега беше утврдена само причината како настанал пожарот што ја пеплоса целата модуларна болница за само неколку минути, од страна на крим техничарите на МВР. Нивниот извештај стигна еден месец по пожарот, а причината беше прегреан продолжен кабел каде бил приклучен дефибрилатор и уште два уреди.
Во пожарот на 8 септември животот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
