Македонија
29. July 2022 - 16:33

Лицата со посебни потреби своите права ќе ги бараат преку ЕУ

“Ние сме оставени сами на себе, јас како дете без родители што да правам? Дали можам со 7.000 денари да функционирам? Каде се суплементите и другите работи? Среќа што ми помагаат од болница и можам да се снајдам, ама има некој што не може да се снајде.”

Многу ветувања, но без реализација- лицата со попреченост велат се оставени сами на себе.

Нивните барања се заглавени во ќор сокак. Поради игнорантскиот однос на државата кон нив, доставија писмо до делегацијата на ЕУ каде што бараат помош да им бидат обезбедени правата гарантирани со Устав, а во комуникација се и со Европската Комисија. Минатогодишните средби со Владата и МТСП не вродиле со плод, па чарето го бараат по европските институции. Имаат четири барања, да им се зголеми додатокот за лица со попреченост за 35%, да се направи регистар за овие лица, да се намали старосната граница од 26 на 18 години и помагалата за слепи лица да бидат на товар на фондот.

Велат едвај се врзува крај со крај.

За земја која претендира да биде дел од ЕУ не доликува ваков однос, велат од Коалицијата МЕНУВАМЕ. Доколку не се најде начин да им се помогне, се заканија дека ќе го блокираат процесот на скрининг во земјава.

Од МТСП велат дека согласно програмата на Владата за 2022 година, на лицата со попреченост ќе им биде зголемен додатокот за 15%, а во тек е и изработка на регистар за овие лица.

Од ресорното министерство ги повикаа општините да аплицираат на јавниот повик за обезбедување на средства за давање на социјални услуги. Тука спаѓаат

-Услуги во домот (лична асистенција и помош и нега во домот) и

-Услуги во заедницата (дневен престој и индивидуален третман на лица со попреченост).