Македонија
22. August 2022 - 17:01

Трифун Костовски и експерт со обвинувања за намерен стечај на Еуростандард банка - МБА со најостро ги отфрла обвинувањата

Тим странски експерти за банкарски криминал ангажирани од Трифун Костовски, тврдат дека пропаѓањето на Еуростандард банка е резултат на организиран банкарски криминал кој функционирал речиси две децении. Системот за незаконско финансирање го сочинувале седум банки, 45 компании и едно физичко лице. Според експертите, клучна улога во шемата имале НБРМ и Комерцијална банка.

Според Костовски, стечајот бил направен со умисла. Смета дека, Народната банка не ги искористила сите алатки за стабилизирање на Еуростандард, а нејзината работа била запечатена со менување на владини уредби среде пандемијата.

За Народната банка, изнесените информации се неточни и сметаат дека се резултат на лични и приватни побуди. Појаснуваат дека стечајот бил отворен поради неможноста на банката да одговори на паричните побарувања.

„Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард Банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Оттука, во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на Банката“, се вели во известувањето од НБРМ.

Реагираше и Комерцијална банка, од каде велат дека единствени виновници за стечајот на Еуростандард се раководните луѓе со своите погрешни кредитни одлуки.

„Во банкарството одамна сме научени сопствениците на пропаднати фирми, како Златко Тодоров од Кубус, а сега и Трифун Костовски од Еуростандард банка, за своите слабости, лошо и незаконско работење да ги обвинуваат банките. Најчудно во овие „експертски анализи“ е што од ниедна од банките, вклучувајќи ја и Комерцијална банка, овие „домашни и меѓународни експерти“ не побарале никаква документација или состанок за да ги презентираат своите „наоди“ и да ги слушнат аргументите на банките. Тие само се повеле од укажувањата на сопствениците на пропаднатите фирми и на Еуростандард банка, а кои пак признаа дека ги плаќаат „експертите“ од имот кој не им бил замрзнат, за сега да бидеме наивни и да треба да веруваме во независно мислење“, велат од Комерцијална банка.

Наводите ги осуди и Македонската Банкарска Асоцијација во која членуваат 13 банки и по две институции и штедилници. Изнесените информации ги сметаат за неосновани.

„Упатуваме апел до јавноста дека дезинформации и инсинуации за банкарскиот сектор и поединечни банки треба да бидат отфрлени, бидејќи заради остварување на некои други интереси и нечии лични битки, свесно или несвесно, се прави обид за загрозување на нешто што е од јавен интерес на секој граѓанин, секоја компанија, секоја институција во оваа земја“, се вели во соопштението на МБА.