Формирана комисија за смртта на 25 годишното момче - министерот не ги открива членовите
Иако се во иста зграда и ги дели само еден кат, извештајот од инспекцискиот надзор на ДСЗИ за починатиот 25 годишен пациент од Берово по интервенција на заб, повеќе од 24 часа “патува” до министерот за здравство, Беким Сали рече дека не го добил документот кој од здравствениот инспекторат вчера претпладне го испратија до медиумите.
- Пред настанот проверив во архивата, но архивата, но се уште го немаат добиено тој документ, изјави Беким Сали, министер за здравство.
На извештајот за текот на лекувањето на момчето чека и лекарската комисија формирана од министерот за да почне со стручниот надзор, иако според информации на Сител тие и без овој документ до сега можеа да направат ревизија на случајот. Беким Сали не открива кои лекари ќе испитуваат како нивните колеги го лекувале пациентот од Берово и дали биле запазени сите протоколи имајќи во предвид дека според надзорот направен од ДСЗИ момчето имало сериозен здравствен проблем и во една вечер два пати барал помош од беровската брза помош поради влошена состојба по интервенцијата на забот пред да биде транспортиран во Штип каде бил примен со обилно крварење од раната и намалена сатурација.
- Откако ќе го докомплетираат целосниот случај со извештајот од ДСЗИ и стручната Комисија ќе излезат во јавност и ќе образложат. Сметам дека наши пациенти честопати знаат покасно да се јават во здравствените установи кога за жал честопати немаме веќе што да направиме повеќе од тоа што е направено, но во конкретниов случај ќе дозволиме на стручните лица тоа да го кажат, изјави Сали.
Случајот го истражува и обвинителството, а одговори за причината за смртта на младиот беровчанец и дали има лекарска грешка треба да дадат и анализите кои се уште се во тек на Институтот за судска медицина по направената обдукција.
Според патеката на лекување пациентот починал 2 недели по првото појавување кај матичниот стоматолог во Берово со оток и болка на забот, а во штипската клиничка болница му биле направени две хируршки интервенции.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
