Македонија
15. September 2022 - 16:49

Тупанчевски со поддршка за Џафери, професори од правниот факултет тврдат дека немал такви овластувања

Поделени мислења за одлуката на Џафери да се отфрли иницијативата за референдум. Министерот за правда и професор на Правниот факултет, вели, би постапил исто како спикерот на собранието, бидејќи предлогот бил полн со правни недостатоци. Според Тупанчевски, примената на меѓународни договори ја гарантира Уставот, и не може да се менува со закон. Не постоела регулатива како може да се раскинат такви договори, но сигурен е дека за тоа не е надлежно Собранието.

За неговиот колега од правен, Денис Прешова, известувањето на собранискиот претседател за отфрлање на иницијативата е несериозно и направено со цел да спречи понатамошно правно оспорување. Го потсетува Џафери дека како носител на висока политичка функција има право да го толкува Уставот, а доколку постојат спротиставени толкувања, конечниот збор го има Уставниот суд..

„За Претседателот на Собранието, очигледно не постојат никакви граници и тој крајно арбитрарно се впушта во толкување кое многу повеќе личи на класично самоволие отколку било што друго. Писанието на Претседателот на Собранието, наречено известување, е под секое ниво и базирано на класично силување на процедурите и правото“, пишува Прешова на својот фејсбук профил..

Тој појаснува дека има очигледно незнаење кај собранискиот спикер кога се повикува на Уставот, бидејќи како што пишува Прешова, не може Закон за ратификација да се поистоветува со меѓународен договор.

Иницијативата за одржување референдум на кој граѓаните требаше да одговорат на прашањето, дали сакаат да се напушти важноста на Законот за ратификација на договорот за добрососедство со Бугарија, Собранието ја отфрли со образложение дека е спротивна на Уставот кој предвидел оти Меѓународни договори не може да се менуваат со закон.