Промени и во владиниот кабинeт, Милевски си оди, почна лицитацијата за можни наследници
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, си оди од владиниот кабинет. Во разговор за Сител, вели дека подолго време размислувал за оставка од функцијата и како што појаснува, се одлучил на таков чекор поради замореност. Најави дека оставката официјално во владата ќе ја поднесе идната недела. Тврди дека министерската позиција не ја напушта заради притисоци или раздор во Либерално-демократската партија.
Засега непознато е кој ќе го наследи. Се воделе внатрепартиски разговори, биле консултирани како што вели Милевски, позвучни имиња но и некои помалку познати за јавноста. Кадар за министер кој ќе го замени во локална самоуправа барале во редовите на партијата за кои се сметало дека ќе одговорат на обврските, но не ја исклучуваат можноста во министерското столче да седне и надпартиски кадар.
Во јавноста, пак, веќе се споменува името на поранешниот лидер на партијата и градоначалник на Скопје, Ристо Пенов. Тој во разговор за Сител вели дека не сака да ги кометнира шпекулациите за наводен наследник на Милевски во Министерството за локална самоуправа.
Од ЛДП, велат дека идната недела партиските тела ќе разговараат за тоа кој во иднина ќе раководи со Министерството. Паралено со оставаката во владата, Милевски најави повлекување и од лидерската позиција во партијата. Како најсериозен кандидат за прв човек на ЛДП се споменува нејзниот потпретседател и пратеник, Моника Зајкова. Вели, ако ја добие поддршката од членството, ќе прифати да раководи со партијата.
„Партијата оваа година влегува и во изборна година, односно се спрема редовен конгрес, партиски во декември, до декември мора да се одржи редовниот партиски конгрес. Се уште нема официјална одлука на органите во телата на партијата, сепак, треба да го слушнеме мислењето на централниот одбор, извршниот одбор, но и на членството. Јас сум еден од потпретседателите на партијата, веројатно и како носител на функција се споменува и моето име. Јас со задоволство, доколку така се одлучи на партиските органи, би ја прифатила функцијата да ја извршувам, но се е во фаза на неофицијални податоци и не е разговарано во органите и телата на партијата“, изјави Моника Зајкова, Потпретседател на ЛДП.
Од владата кратко појаснуваат дека тие официјално не ја добиле оставката на Мислевски, па со став ќе излезат откако ќе имаат писмен документ.
Горан Милевски три години ја извршуваше функцијата Министер во владата. Беше дел од владиниот тим на претходниот премиер, а на министерската позиција остана и во владата предводена од Ковачевски.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
