По трет пат советот на јавни обвинители не успеа да избере кој ќе седне во испразнетите места во обвинителство
Пропадна и третиот обид да се изберат четворица обвинители кои треба да гонат криминал и корупција. Се чекале за увид предмети кои ги застапувале кандидатите и нивни работни извештаи, па денеска советот на јавни обвинители ја одложи седницата за избор. Првиот човек на советот, уверува дека зад неизборот на обвинители, нема никаква позадина. Сепак, вели, седница ќе има само ако се подготвени членовите на советот на обвинители.
„Сега ќе чекам да ми кажат кога се спремни за да можам да закажам, да не доаѓаме во вакви ситуации, како да ја доведуваме јавноста дека нешто се работи зад грб или се договараат за некои други работи“, изјави, Антонио Јолевски, Претседател на Совет на јавни обвинители.
За струшкиот обвинител кој вчера доби пријава за намерно застарување предмети, ќе расправа и Советот поради веќе покренатата дисциплинска постапка, но како што вели Јолевски, обвинителот претходно веќе си поднел оставка, па само ќе се констатира дека тој повеќе не ја извршува функцијата. Од Советот не ја ислучуваат можноста кривично да се гонат и други обвинители заради чување на предмети во фиока.
„Вакви случаи сега зачестија. Ние како Совет баравме да се засилат контролите и надзорите од страна на Вишите обвинителства, тие ги започнаа тие постапки и повеќето ги завршија. Така што, можно е да има и против други. Неколкумина сами си поднесоа оставки и нивното работење се проверува, и тие после обично го критикуваат обвинителството како не чини бидејќи ја избегнуваат постапката која треба да потврди дека нестручно и несовесно си ја вршеле функцијата“, вели Јолевски.
Во меѓувреме, Обвинителството за гонење криминал и корупција треба да добие и нов шеф откако Русковска беше суспендирана, а идниот месец истекува и нејзиниот мандат. За првпат, изборот ќе се прави на неспоредни избори со класично гласање, а правото да бираат ќе го имаат вкупно 164 јавни обвинители од целата држава.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
