Одложено судењето за пожарот во модуларната болница - директорите не знаеле дека им требаат адвокати
Седнаа на обвинителна клупа, ама не знаеле дека треба со себе да носат и адвокати. Економскиот директор, Артан Етеми и докторот Бобан Вучевски кои одговараат за пожарот во тетовската модуларна болница, ги опомена судот за таквиот пропуст, а рочиштето го закажа за осми наредниот месец. Двајцата обвинети добија рок од 8 дена да го известат судијата дали ќе изберат свои бранители, или да добијат по службена должност.
На обвинителната клупа во Тетовскиот суд, друштво на Етеми и Вучевски, им прави и екс директорот на болницата, Бесими. Само тој застана пред новинарските екипи – вели, имал докази дека нема вина за несреќата.
Денешниот термин беше втор обид на тетовскиот суд да го почне процесот во кој кривично се гонат двајцата директори, болницата и еден нејзин лекар. Одговараат за тешки дела против општата сигурност и непочитување на здравствени прописи.
„Почетокот на судењето за трагедијата која одзеде 14 човечки животи, првпат требаше да почне на шести минатиот месец. Тогаш двајцата обвинети кои денеска дојдоа без адвокати, воопшто не се појавија на рочиштето. Своето отсуство го оправдаа со работни обврски.“
Пожарот во тетовската ковид болница избувна лани на 8ми септември. За неколку минути огнот се прошири низ целиот објект, а истрагата покажа дека пожарот го предизвикал прегреан продолжен кабел.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
