И по една година нема одговор за причините поради кои загинаа двајца алпинисти во Бучим
И после една година од несреќата во рудникот Бучим во Радовиш во која двајца алпинисти ги загубија животите семејствата немаат никаква информација за случајот. Велат секој ден го поминуваат со безброј прашања, но одговор немаат ниту на едно. Разочарани се што цела година никој ниту ги контактирал, ниту пак ги информирал за текот на истрагата. Свесни се дека нема да ги вратат нивните најблиски, но велат имаат право да ја знаат вистината.
Од јавното обвинителство информираат дека работат на случајот. Веќе била донесена Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело - Тешки дела против општата сигурност. Со истрагата што ја води струмичкото обвинителство опфатени се двајца руски и тројца македонски државјани.
„Осомничените, двајца државјани на Руската Федерација и тројца македонски државјани, како одговорни лица во рудникот Бучим во Радовиш не постапувале според техничките правила за заштита при работа со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето. Тие се осомничени дека на 13.10.2021 година дозволиле во силос од рудникот да се спуштат три лица ангажирани за извршување работи за чистење на висински недостапни силоси, без притоа да ги применат сите мерки и постапки за да осигураат безбедно изведување на работите. Истражната постапка е во тек, по што ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за натамошното постапување“, информираа од Републичкото јавно обвинителство
Несреќата во рудникот Бучим се случи на 13 октомври минатата година. Во неа животот го загубија двајца алпинисти на возраст од 45 и 20 години. Според информациите што тогаш ги објавија надлежните, до несреќата дошло при чистење на 25 метарски силоси во кои се складира руда . Алпинистите биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар