ИДСЦС: Судиите се самоцензурираат и работат во страв
Судиите во земјава работат со страв, самоцензура и без мотивација. Ова го покажува двегодишното истражување за судска култура на Институтот за демократија. Политичките притисоци, дополнително влијаеле врз довербата која судиите ја имаат кај граѓаните.
„Единствено преку гласноста, аргументирање на своите пресуди, судиите можат да застанат, пред предизвикот, пред притисокот во нивното секојдневно работење и на тој начин да ја вратат или зголемат довербата на судството кај јавноста“, изјави, Марко Трошановски, Институт за демократија.
И независноста на судиите се посочува како проблем кој го загрозува владаеењето на правото. Според истражувањето, дел од пресудите се носеле со притисоци.
„Судската пракса во земјите од Западен Балкан функционира независно, меѓутоа некогаш до него допираат интересите на некои моќни елити. Во таа смисла, судиите мора да бидат повнимателни, особено, имајќи предвид дека општествата се многу мали, државите се многу мали, па судиите и обвинителите, не секогаш се чувствуваат комфорно да делуваат независно“, изјави Барт Де Брујн, Коорд. за владеење на право од Амбасада на Холандија.
Од академијата на судии и обвинители, пак, сметаат дека трудот и знаењето на кандидатите, биле доволна гаранција за нивна независност во работата како идни судии и обвинители.
„Тоа мислам дека е многу јак аргумент, заради тоа што, тие лица, потоа не му должат никому, освен на самите себе си. И, тоа претставува добра основа за некој вид на гаранција, дека тие, понатаму во својата кариера, ќе работат непристрасно“, вели Наташа Грабер Дамјановска.
Според последните анкети, само осум отсто од граѓаните во земјава имаат доверба во судството и обвинителството.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
