Тројца затвореници го претепале Бојан 13 во Идризово
Со боксови и клоци во главата и стомакот, Боки 13 бил претепан во затворот Идризово.
Вчера дури седел на клупа во дворот на затворот, му пришле тројца затвореници кои според неговиот адвокат не ги познавал и започнале да му задаваат удари од кои имал видливи повреди. Веднаш бил пренесен во болница поради неговата здравствена состојба со стомакот, поради која во изминатите месеци имал неколку операции. Но вината, адвокатот Дуковски ја гледа во директорот на управата за извршување санкции, бидејќи без никаква причина го преместил Бојан Јовановски, од новиот оддел каде што ја извршувал казната во оддел со ризични осудени лица, иако Јовановски бил примерен затвореник.
Од Управата за извршување санкции, која според бранителот на Јовановски е виновна за неговата состојба, се правдаат дека тие не се надлежни за преместување на затвореници во оддели.
Од Министерството за правда пак велат дека Јовановски не е единствениот кој се здобил со повреди, туку и затвореникот кој шетал со него низ дворот на затворот. Сепак од министерството велат дека станува збор за двајца напаѓачи кои ќе бидат казнети.
Против осудените лица кои го извршиле физичкиот напад се комплетира документацијата за спроведување постапка за дисциплинска одговорност. За овој настан, службени лица од Управата за извршување на санкциите ќе извршат и вонреден надзор на установата со цел да се утврди фактичката состојба.
Јовановски е отпуштен од болница бидејќи според лекарските проценки немало потреба од хоспитализација, но докторите констатирале отоци и гребаници во пределот на главата и рацете.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
