Петмина кандидати за местото на Русковска
Петмина кандидати во трка за шеф на Обвинителството кое гони организиран криминал и корупција.
Освен Екс шефицата Русковска која е суспендирана од работното место, од тоа обвинителството конкурирала и Енѓелуше Кадриу Леши.
Кандидатура за прв обвинител кој ќе се спротистави на криминалот и корупцијата, поднел и Ермон Незири од Скопското Јавно обвинителство.
За раководното место во Организиран, интерес пројавиле и двајца обвинители од Гостивар. Кандидатури поднеле шефот на Вишото, Ислам Абази и обвинителката Деса Паунковска.
Кој во следните четири години ќе води битка со организираниот криминал и корупција, ќе се знае на 7-ми ноември, но за првпат, изборот на шеф на ова Обвинителство ќе се прави на непосредни избори. Ќе гласаат сите 180-тина обвинители од целата држава.
За да може да се најдат на гласачкото ливче, освен редовните услови, кандидатите треба да имаат и позитивни оценки од нивните надредени за последните три години. Доскорешната шефица на обвинителството Русковска, ќе ја оценува Државниот обвинител, кој пред два месеца ја суспендираше од работното место по направениот претрес во Управата за финансиска полиција.
Во меѓувреме, неизвесно е дали новиот раководител на одделението што гони криминал и корупција ќе остане со постојниот тим.
Советот на јавни обвинители, задутре ќе го има четвртиот обид да избере четворица обвинители. Претходните три пропаднаа, бидејќи, како што тврдеа од советот, се чекале информации за обвиненија по кои постапувале кандидатите.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
