Граѓаните немаат доверба во пратениците
Граѓаните многу малку се запознаени со работата, активностите и надлежности на народните пратеници.
Штипските претставници во македонскиот Парламент од власта и опозицијата, преку кампања „Собрание за граѓаните“ се обидоа со директни средби да им образложат какви ингеренции имаат.
Во однос на тоа што е она за што граѓаните најчесто доаѓаат и разговараат, се секојдневните активности и проблеми, кои понекогаш се поврзани со проблематиката на пратениците, меѓутоа многу често се и од локална надлежност, изјави Никола Мицевски, претеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Се јавуваат и да прашаат за некои законски решенија, еве последно е, за помошта за ранливите категории, изјави Емилија Рамбабова, СДСМ.
Граѓаните и здруженијата сметаат дека пратениците не донесуваат самостојни, туку диригирани одлуки, кои не се во корист на обичниот граѓанин, особено не, за лицата со посебни потреби, кои се ставени на општествените маргини.
Кај нас, за жал, централите одлучуваат, а не пратениците, така што зависат од нивните партии. Инаку, како луѓе, сум задоволен од нив лично, ама како луѓе, но ја немаат таа сила и моќ за да помогнат. Во меѓусебната борба заборавија на нас, изјави Зоран Мијалков, родител на дете со аутизам.
Не сум задоволен досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина, но сега за сега, ништо не работат за слепите лица. Лична асистенција можеше да користат лицата од 18 години до длабока старост. Меѓутоа после тоа, се корегираше, пред 2 години се смени тој Закон и сега има ограничување од 6 до 65 години, а што ќе правиме со тие после 65 години, прашува Драги Витанов, Здружени на слепи лица - Штип.
Ваквите тет-а –тет средби се добра можност да се слушнат проблемите, меѓутоа останува отворено прашањето, колку од нив ќе бидат решени.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар