Македонија
2. November 2022 - 16:39

Директорите на Детската и Клиниката за онкологија си поднесоа оставки

Клиниката за детски болести и Онкологија останаа без директори. Софијанова и Васев ги депонирале оставките во Министерството за здравство и тие биле прифатени. Беким Сали за Сител потврди дека тој лично го побарал тоа од двајцата менаџери со кои денеска имал поединечни состаноци. Засега, како што информираат надлежните се уште не е познато кој ќе ги замени на нивните менаџерски позиции.

Информираме дека по барање на Министерот за здравство, денес до Министерството за здравство се поднесени оставки од двајца директори на универзитетски клиники. Станува збор за директорката на Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев. 

Согласно законските процедури, по назначување нови директори на овие клиники од страна на Министерот, јавноста навремено ќе биде информирана. 

Принуденото заминување од директорските фотелји доаѓа по контролите на Фондот за здравствено осигурување за исплата на дежурства. Во овие две установи биле констатирани неправилности во делот на непочитување на колективниот договор, за што одговара директорот.

Но според информации на Сител разрешувањата нема да  застанат со Софијанова и Васев. Неофицијално ќе има и други оставки бидејќи има засилени фондовски контроли во сите клиники и болници. Од Фондот ни одговорија дека освен контрола на платите на менаџерите  во клиничкиот кампус ќе ги проверуваат и на сите останати здравствени директори во државата.

Контрола на платите на директорите во ЈЗУ најпрво ќе се изврши во сите Клиники, клинички болници, општи болници, специјални болници, институти и Заводи.
По завршувањето на контролите во овие ЈЗУ ќе се прави контрола на платите на директорите и во останатите ЈЗУ ( Здравствени домови, Центри за јавно здравје, здравствени станици, Поликлиники).