Македонија
3. November 2022 - 16:39

Уапсениот Никола не е поврзан со дојавите за бомби, велат од Јавното обвинителство

23 годишниот Никола Николовски не стои зад дојавите за бомби во скопските училишта. Неколкучасовниот распит и проверката на телефонот и компјутерот не укажаа на негова поврзаност со заканите, велат од обвинителството.

Во текот на денот и Николовски негираше дека тој стои зад дојавите за бомби. Обвини дека со апсењето му бил направен јавен линч. Во статус на Инстаграм вели, слободната мисла е повредна од секоја закана, притисок и уцена, па вели, нема да ме замолчите. 

Тврди дека апсењето е цената на јавното искажување став во Македонија. Најави дека со засилено темпо ќе продолжи да го искажува своето мислење, бидејќи како што вели, тоа што не те убива, те прави посилен.

„Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училшта“. Утре, ова може да биде секој од вас, секој што размислува различно од она што наметнуваат властите и живеењето во ова „модерно“ време“, наведува Николовски.

Николовски минал 10 часа на распит во полицијата, а како што вели од неговиот дом биле одземени сите електронски уреди за комуникација – телефони, компјутери УСБ стикови. 

Од полицијата не откриваат дали името на Николовски произлегло од заканувачките пораки во кои токму неговото име и телефонски број биле оставени во заканите за бомби.

Непознато останува и дали тоа била единствената причина да биде повикан на распит или биле направени и други проверки. МВР не открива ниту дали Николовски засега е единствен приведен по дојавите за бомби. Според одредени информации имало и други приведени под сомнеж дека стојат зад заканувачките пораки.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа полицијата да апси криминалци, а не како што велат, недолжни деца.

Реагираше и градоначалникот на општина Аеродром. Според Тимчо Муцунски приведувањето ја потврдила констатацијата дека Македонија го има изгубено деморкатискиот компас.

Фактот што некој пуштил порака од наводен е-маил на Николовски, во кој бил содржан и неговиот телефонски број е логична индиција дека некој се обидел да го намести.

Поради неколкуте дојави за бомби, денеска полициски екипи се поставени во близина на училиштата. МВР пак досега четирипати ги пребаруваше објектите кои добија закани за поставен експлозив. Проверките покажале дека се работи за лажни дојави.