Македонија
4. November 2022 - 16:35

Актер од битолскиот театар повикан на распит поради статус на фејсбук

Фејсбук статус го одведе на распит во полиција битолскиот актер, Васко Мавровски. Бил пријавен од министерката за култура, откако актерот коментирајќи нејзина изјава за штедење струја, побарал да биде наградена со продолжен кабел.

„Ми беше соопштено дека тие реагираат по пријава на министерката за култура, госпоѓата, Бисера Костадинова – Стојчевска, која почуствувала загрозеност за нејзиниот живот и нејзиното здравје и на нејзиното семејство со споменатиот продолжен кабел во мој фејсбук пост објавен неколку часа претходно. Постот се однесуваше на нејзината изјава за тоа дека во Штип се одиграле 122 настани и дека заштедиле 35 отсто електрична енергија. Мојот коментар, беше, од кога културните настани ги оценуваме по заштеда на енергија, а не на квалитет“, изјави, Васко Мавровски, актер од Битола.

Мавровски бил повикан од работното место во битолскиот театар, а како што вели, полицијата инститирала веднаш да биде спроведен. По краткиот распит, од СВР Битола велат дека Мавровски бил предупреден во врската со поплаката на Министерката за култура.

„Бев 40тина минути распрашуван од страна на полицискиот службеник и бидејќи се констатираше дека нејзиниот живот не е загрозен бев ослободен од страна на полицискиот службеник. Ова лично го доживувам како притисок, пред се, политички, го чувствувам како газење врз честа и достоинството на културните работници, особено на еден уметник, актер, кој што е од нејзиниот град кој што многу добро лично ме познава и сметам дека овој начин се цензурира слободната уметничка мисла и се цензурираат неистомислениците , бидејќи јас сум меѓудругото и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола“, вели Мавровски.   

Министерството за култура ги осудува нападите и заканите упатени преку социјалните мрежи.

„Сите имаат право да побараат институционална заштита согласно законските норми и можности“, велат од култура.

Актерот од Битола бил повикан на распит по неколку часа од објавата на фејсбук во која пишува:

„Еве, на четерисет и некоја дознав дека квалитетот на културните настани се мери со заштеда на електрична енергија. Дали, ваквите неадекватни изјави се должат на ПМ радиоактивни видшани честици од воздухот во Битола или блискиот контакт со шефот на РЕК, од кој очекувам во скоро време на сите шедачи по метро и пол продолжен кабел да ви подари (повеќенаменески)“, гласи статусот поради кој битолскиот актер, синоќа завршил на распит во полиција.