Македонија
6. November 2022 - 16:31

Турската заедница бара турскиот да биде официјален јазик во струмичко Василево

Турската заедница од Василево бара  воведување на двојазичност . Барањето доаѓа како резултат од последниот попис кој покажал дека  2280 лица од вкупно попишаните 11 373  или 20, 04 % од населението  во општината се изјаснило дека нивниот мајчин јазик е турскиот. Иницијативата веќе е поднесена и до општинскиот совет, а како основа за истата  е земен членот 1 од законот за употреба на јазиците во  кој меѓу другото стои дека во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик , покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Градоначалникот на општина Василево  вели ќе постапат согласно позитивните законски прописи.  Веќе се обратиле и до министерството за локална самоуправа и очекуваат насоки за следните чекори. Најголем проблем во имплементацијата на законот ќе била тешката финансиска состојба во која се наоѓа општината so  долг од околу 100 милиони денари и блокирана сметка.  

Став побаравме и од министерството за локална самоуправа. Од таму велат дека надлежна за спроведување на оваа постапка е Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и  сите информации и насоки општините треба да ги побараат од таму.

Освен во Василево, иницијатива за воведување на турскиот како втор службен јазик има поднесено и во општина Конче во која според пописот  турската заедница има околу 24%.