Градинарите од струмичко бараат да можат да ги осигуруваат пластениците, оти нема да можат да добијат основни субвенции
Со новиот концепт на задолжително земјоделско осигурување да бидат опфатени и посевите под пластеници, бараат градинарите од струмичко. Во спротивно, наместо поголема сигурност тие ќе бидат нај оштетени бидејќи до сега речиси ниту една осигурителна компанија не сакала да осигурува посеви под пластеници, вели Драги Памуков од здружението Веге фреш и претседател на потсекторската група за градинарство во МЗШВ. Тој смета дека осигурувањето е добра мерка, но мора да се најде модел со кој компаниите ќе ги осигуруваат и пластениците со метални конструкции.
Памуков смета дека осигурувањето не треба да стане задолжително се додека не се најде соодветен систем со кој ќе бидат опфатени сите земјоделци. Без добар систем, само во струмичкиот регион околу 6000 земјоделци ќе ја изгубеле можноста за осигурување, а со тоа и правото на основни субвенции.
Според информациите што неодамна ги објави министерството за земјоделие, Концептот предвидува формирање на осигурителен пул, чија цел ќе биде осигурување на земјоделското производство на сите земјоделци. Побрзо и подобро системско решение преку кое земјоделците исплатата на настанатата штета ќе ја добиваат во текот на истата година кога таа настанала.
Земјоделското осигурување ќе биде задолжително и поврзано со исплатата на субвенциите во оној момент кога концептот целосно ќе заживее и ќе се донесе законот, кој се подготвува заедно со земјоделците.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар