Земјоделците збунети од најавата за одземање приватно земјиште кое не се обработува
Најавената реформа со која приватните необработени ниви државата ќе ги дава под закуп е неприфатлива.
Вака земјоделците од струмичко ги коментираат предложените законски измени со кои се планира приватното земјоделско земјиште што не се обработува повеќе години да се издава на други заинтересирани лица. За нив е нејасно како некој може да одлучува за приватен имот. Панчо Мицев од селото Куклиш смета дека државата прво треба да го издаде необработеното земјиште во нејзина сопственост.
Со предложените законски измени не се согласува ниту претседателот на потсекторската група за градинарство при МЗШВ и член на агро советот Драги Памуков.
Тој смета дека со ваквиот предлог директно се нарушува правото на сопственост. Апелира до државата, прво да направи ревизија и да утврди дали и колку се обработува државното земјиште.
Неодамна беше најавено дека државата подготвува измени во законот за користење на земјоделско земјиште. Со измените се планира необработените приватни ниви да се издаваат под закуп по пат на јавен оглас. 80% од парите добиени од закупнина ќе одат кај сопствениците на парцелите, а 20% во државниот буџет.
Парите наменети за сопствениците ќе се уплаќаат на посебна буџетска потсметка и може да се подигнат најдоцна 10 години од денот на уплатата.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар