Македонија
9. December 2022 - 18:28

Антикорупциска ќе ги проверува сите кандидати кои излегуваат од Академијата за судии

Поразително е што американски тим за санкции ќе се бори против корупмирани функционери, смета антикорупциската комисија. Велат, очекувано било да интервенира меѓународниот фактор откако државата и покрај сите опомени не преземала никакви активности да се справи со корупцијата.

„Очекувано е, амбасадорката повеќепати кажа. Се зачудила од начинот на избор на обвинителот. Што се презема од наша страна? Дури ни тој не чувствуваше ниту морална одговорност да речеме, да се повлече.  Што се случи со сите негови гласачи? Како општество не видовме што се случи, односно, ништо не се случи“, изјави Билјана Ивановски, Претседател на Државна комисија за спречување на корупцијата.

Во антикорупциска се сомневаат дека владата побарала американските власти да помогнат во справување со корупцијата во Македонија. За нерелани ги сметаат изјавите на функционерите кои ја поздравија одлуката странци да се справат со корупцијата. Велат, посетата на специјалниот тим доаѓа како одговор на лагите кои во изминатиот период, државата ги испраќала како активности за намалување на корупцијата, а финансирани од Соединетите американски држави.

„Јас мислам дека тоа не е нивната реална радост, тоа е пораз на политиката, бидејќи да ти дојде до тоа ниво, да дојде тим од Америка, дојдено е стварно дното и не ги прифаќаат сите лаги што им ги сервираат, дека, еве се бориме против корупцијата. Погрешни информации им даваат и сега дојдени се да слушнат со свои уши и видат со свои очи да видат каде се тие пари и имаат право бидејќи имаат инвестирано многу“, изјави Горан Трпеновски, член на Државна комисија за спречување на корупцијата.

Во меѓувреме, антикорупциска ќе истражува дали судии и обвинители кои излегле од академијата на нерегуларен начин се стекнале со универзитетска диплома како случајот со синот на Талат Џафери. Сепак, не знаат како ќе постапат ако се утврди дека и други кандидати запишале академија без положен правосуден испит.

„Ако утврдиме појава на повеќе такви судии, јавни обвинители кои во моментов ја извршуваат таа функција, тогаш на друго ниво треба да се одлучи што ќе се прави. Ова на некој начин е ветинг, проверка на тие кои се извршители во правосудниот систем и делат правда колку тие го почитувале законот, да не ги осудуваме предвреме – дали тие го заобиколувале законот  за да седнат на тоа столче“, вели Ивановска.

Антикорупциска најави дека во следниот период ќе проверува и кај другите универзитети дали и какви уверенија издавале за завршени студии, процес за кој велат може да открие и фалсификување дипломи.