Претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ треба да се јави на распит по кривичната пријава
Нема обвинение за основачот на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов во Битола. По поднесената пријава против него од партијата Левица дека сторил сет кривични дела со промовирањето на овој клуб, испратена му е покана од битолското обвинителство да се појави на распит, но се уште не се гони кривично.
Постапката е во тек и се преземаат дејствија за проверка на сите околности. Дејствијата вклучуваат и распит на повеќе лица, за што јавниот обвинител упати покана и до лицето кое го наведувате, како лице пријавено со поднесената кривична пријава. Покани за да дадат исказ пред надлежен јавен обвинител ќе бидат упатени и до други лица. До овој момент, не е донесена одлука за поднесување на обвинение.- соопштија од ОЈО за Сител.
Пртеходно денеска дел од бугарските медиуми објавија дека официјално е поднесено обвинение против претседателот на клубот, Љупчо Ѓоргиевски, за ширење расизам, а во поканата до него која пристигнала на почетокот на декември, пишувало дека на 16 овој месец треба да се појави како обвинет во овој случај, а во спротивно присилно ќе биде донесен во обвинителството.
Во пријавата против Ѓоргиевски од страна на Левица, се терети дека сторил кривични дела “Излагање со подбив на македонскиот народ” и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ со што се извршил негирање и навреда на македонскиот народ и држава како и разгорување на чувство на омраза.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
