Раководител во Министерството за животна средина дозволил горење 17 тони опасен отпад во Дрисла
Раководен државен службеник во министерството за живона средина изработил дозвола за во Дрисла да може да се уништи околу 17.000 килограми опасен отпад, иако во депонијата немале соодветна опрема да ги третираат опасните материи. За приемот и третирањето на овој отпад, вработениот во министерството добил околу 7ипол илјади евра, но во моментов нема информација од кого ги добил овие пари. Со ова тој сторил кривично дело и ја злоупотребил службемната положба. Ова денеска го соопштија од финансиската полиција, по што ќе поднесат и кривична пријава против него.
“Раководниот државен службеник при Министерството за животна срединалично изработил и одобрил А-интегрирана еколошка дозвола на ЈПДКО Дрисла Скопје, иако истите не поседувале соодветна опрема и инсталации за прием и третирање на 22 шифри на опасен отпад од наведените 36 во издадената дозвола, по што во текот на 2021 година во ЈПДКО Дрисла бил примен и третиран 16.900 килограми опасен отпад од неколку правни субјекти, со што пријавениот сторил и кривично дело Загадување на животната средина и природата согласно член 218 од Кривичниот законик на РСМ.”
Од Министерството за животна средина велат до моментов немаат добиено никаква кривична пријава.
Ниту Министерството за животна средина ниту било кој службеник не добиле информација за поднесена кривична пријава. За истото дознавме од медиумите. За сите дополнителни информации јавноста навремено ќе биде информирана. – велат од ресорното министерство.
Иако се обидовме да ги исконтактираме и в.д директорот на Дрисла, како и раководителот на Сектор за прием и депонирање на отпад, за да го кажат и нивниот став за тоа како без соодветна опрема се третирал 17.000 килограми опасен отпад, вработена во претпријатието ни кажа дека работното време им било до 15 часот и веќе се заминати дома.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
