Идната недела средба во Владата за проблемот на приватните превозници
Со презентирање на докази, аргументи и факти, приватните превозници идната недела ќе настапат на состанокот во Владата каде ќе има и претставници од ЈСП и Град Скопје. Засега нема прецизни одговори дали по оваа средба ќе заврши сагата на возачите на 9, 20, 22 и други приватни линии и ќе го добијат ли заостанатиот долг, бидејќи премиерот вели дека немаат надлежност во организирање на јавниот превоз. Очекувања има а едно од нив е дека сите ќе ја дознаат вистината, вели Ленин Јовановски.
-Без разлика што во моментот надлежностите се во град Скопје, но доколку градот продолжи упорно да манипулира и да ја лаже јавноста и презема мерки со што го загрозува нормалното живеење на граѓаните, некој треба да преземе мерки – зошто и од каде потекнува проблемот, дали е бизнис интерес, лична фрустрација или болест. После таа средба на граѓаните ќе им биде јасно што се случува во Скопје, вели Ленин Јовановски директор на Слобода превоз.
И додека приватните превозници се надеваат на помош од Владата, освен за 20 и 22, Арсовска бара превозници и за линиите 9, 11 и 12 за чие нормално функционирање се потребни минимум 22 автобуси.
Засега низ градот возат само автобусите на ЈСП поради што и има гужви на станиците.
Приватните превозници поради неисплатениот долг речиси две недели блокираа крстосници. Блокадите ги повлекоа со надеж дека ќе најдат решение со Владата.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
