Македонија
19. December 2022 - 16:39

Судскиот совет на итна седница за пресудите на Мијалков

Судскиот совет ќе го испитува работењето на петемина судии од Апелација кои предметот, Таргет-Тврдина го вратија на повторено судење. Работна група ќе истражува дали се одолговлекувала постапката, но и дали во одлучувањето учестувал и судија кој веќе требало да замине во пензија.

Дел од членовите пак сметаат дека со истрагата треба да се опфати целокупниот број на предмети по кои постапувале петтемина судии, не само случајот за масовното прислушување.

По низата реакции, се огласи и Апелациониот суд. Појаснуваат дека предметот го добиле во октомври лани, јавната седница ја одржале во март, па по 14 месеци работа одлучиле Таргет-Тврдина да го вратат на повторно судење. Во пресудата не биле наведени дејствијата на Мијалков и останатите обвинети, па пресудата била неразбирлива.

Од судот отфрлаат вина за евентуално застарување бидејќи како што велат тоа не се случило додека постапувале по предметот.

На можноста од застарување пак веќе посочува невладиниот сектор. Мониторингот на Коалицијата сите за правично судење покажал дека предметот предолго бил во Апелација, па се поизвесно е дека во повтореното судење, ќе застарат кривични дела за Мијалков и останатите обвинети.

Освен Таргет-Тврдина, Судскиот совет ќе го испитува постапувањето на апелационите судии и во предметите Трезор, Транспортер и Алфа. Судскиот совет не утврди рок кога ќе ја спроведе посетата на Апелација со која ќе го утврдува работењето на судиите.