Двојното убиство во центарот на Скопје го вклучи алармот - бројот на убиства на жени расте
Убиството на двете жени во Скопје можело да се спречи ако жртвите навремено го пријавеле насилството кое го трпеле во домот. Истражувањата на Националниот совет за родова еднаквост откриваат дека фемицидот односно убиство на жена е честа појава во државата и секогаш претходел период на насилство, за кој жртвите молчат.
„Досегашните истражувања, за ниту еден случај во нашата држава што е „фемицид“, не е пријавен. Тоа значи дека не може да се излезе во пресрт на нешто за кое што се ќути и не е пријавено. Секогаш кога се премолчува, катастрофален е крајот. Ниту еден случај од „Фемицид“ во сите овие изминати години, како и овој, не е никогаш пријавен“, изјави Савка Тодоровска, Претседател на Национален совет за родова еднаквост.
Граѓанскиот сектор апелира и ги охрабрува жените кои трпат насилство, тоа да го пријават. Појаснуваат дека домот каде што жените треба да се најбезбедни, секогаш е местото каде насилникот посегнува по нивниот живот.
„Жртвите, премолчувајќи го насилството, сметајќи дека на тој начин ќе го решат проблемот, тој се наталожува и станува се поголем и на крајот, резултатот е грозоморен како и во овој случај на „Рузвелтова“, што покажува уште еднаш дека било каков вид на семејно насилство, треба да се пријави“, вели Тодоровска.
Последниот случај на „фемицид“ се случи денеска. 40 годишен маж, попладнево во станот каде живееле, ги уби својата мајка и баба.. Од полицијата велат дека двете жени на возраст од околу 60 и 80 години биле избодени со остар предмет.. Мажот е приведен и од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот.
Најновите законски измени пак предвидуваат, фемицидот и родовото насилство да се впишат како нови кривични дела.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
