Македонија
12. January 2023 - 16:32

Сали: 20 милиони евра отштета за раскинување на договорот за Клинички се шпекулација и обид за добивање политички поени

Шпекулации, дезинформации или некој прави политички притисок за да собере поени. Ваков одговор даде министерот за здравство дека италијанската фирма сега бара 19,5 милиони евра за раскинување на договорот за неизградениот клинички центар. За оваа сума Беким Сали вели не добиле никакво официјално известување, меѓутоа и по 10 дена од објавувањето на информацијата немаше никаков демант од здравствените власти. Првото побарување од италијанците од 8,5 милиони евра беше уште во март минатата година а второ писмо од адвокатски тим добиле во мај. Со фирмата се уште не стапиле во контакт.

-Да се видиме прво со нив, да видиме што бараат, дали тоа е реално инаку мора да дефинирам дека ова се шпекулации и да не ја храниме јавноста со дезинформации, да оставиме времето да покаже, вели Беким Сали министер за здравство.  

Иако првите побарувања се од пролетта лани и немале средба со компанијата и адвокатскиот тим, министерот во октомври во интервју за Сител кажа дека битката ќе ја водат по пат на арбитража не негирајќи ги побарувањата за плаќање на пенали.

-Една од мерките што ја преземавме е формирање стручна комисија за почнување на арбитража и останува арбитражата да одлучи колку ние должиме, што се случува со компанијата во меѓувреме, изјави Беким Сали.

За плаќањето на пенали за неиградениот клинички Владата чека информација од здравство, но како што кажа премиерот во државата се почитуваат почитува закони.

-Во државата се почитуваат закони, како одредби од договори така и од раскинување на договори. Јас не сум правник, но очекувам дека рпавниот тим ќе ги даде позициите на министерството и на државата во овој случај, изјави Димитар Ковачевски премиер.

И додека чекаме дали плаќањето на пенали ќе биде 8,5 милиони, 19,5 милиони евра, многу повеќе или помалку, многу пациенти се уште ја чекаат ветерната современа терапија. Пиозитивната листа како што потврди и Беким Сали ќе почека бидејќи се уште нема Комисија која ќе работи на нејзино ревидирање.