За експертите сите опции се отворени во случајот со Драган Даравелски
Универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев, не смета дека Даравелски е слободен човек. Вели, неговото барање за повторено судење со кое Даравелски би ја одбегнал затворската казна, можеби нема да се реализира. Невозможно е тој да не знаел дека е осуден па да бара ново судење, а како што вели Калајџиев, најверојатно не може да се повика ниту на екстрадициска постапка бидејќи тој сам се појавил на граничниот премин.
„Човекот не е испорачан со екстрадиција од страна на Србија, туку, практично самиот е дојден или пријавен. Не знам како изгледал тој негов обид за влез, дали личело на предавање или обид да се сокрие. Во секој случај, не е врзано со таа постапка за екстрадија, така што, според мене, повторувањето ќе оди многу, многу тешко, дури би рекол, скоро неверојатно“, изјави, Гордан Калајџиев, Универзитетски професор.
Кривичниот законик предвидел неколку ситуации кога е можно повторување на постапка на лице осудено во отсуство како што е случајот со Даравелски.. Во рок од една година откако дознал за пресудата, или ако Србија во постапка за екстрадиција побарала гаранција дека на екс цариникот ќе му се суди одново.
„Законот ги раздвојува, застарување на гонење и кога е постапката почната, но тој е во бегство, па не е завршена, од она каде што тој заради важни причини му е судено во отсуство и има конкретна казна. Таа конкретна казна, после е лек специјалис и за конкретна казна него веќе не му е важен рокот за гонење. Гонењето завршило, имаме казна и имаме одредба кога таа казна сама по себе ќе застари и таа не е застарена. Така што, тој е далеку од слободен човек“, појаснува Калајџиев.
Одбрана на Даравелски вчера побара ново судење, а дали ќе го добие, во моментов одлучува Кривичниот суд. Неофицијално, во текот на следната недела ќе биде познато дали поранешниот шеф на царината ќе седне во судница, или ќе остане во Идризово на издржување на седумгодишната затворска казна.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
