Македонија
13. January 2023 - 16:39

Бегство на затвореник од Идризово како по филмско сценарио - Повреден еден полицаец

Бегство од затвор како по филмско сценарио. 36 годишен тетовчанец осуден за убиство, ноќеска пред полноќ им побегна на четворица затворски полицацајци кои го носеле во болница.. Затвореникот, Беким Мемети, наместо во задниот дел на комбито, седел до возачот.

„На полициското возило со кое се превезувал Мемети, патот му го попречило сиво ауди без регистрации. Во тој момент, затвореникот посегнал по пиштол на еден од полицајците, пукал во него и го напуштил возилото. Влегол во аудито и побегнале“

Мемети издржувал 20 годишна затворска казна заради убиство, а во Идризово бил од крајот на 2020. Синоќа се пожалил на повреда на десната рака и побарал лекарска помош.. Затворската управа организирала транспорт до Ургентниот центар, но патувањето со полициска придружба, Мемети го завршил на автопатот Велес – Скопје.

Засега нејасно е зошто транспортот на затвореникот бил без полициска асистенција. Причините ќе ги истражуваат Управата за извршување на санкции и Обвинителството.. Се проверува дали во бегството биле вклучени и затворски службеници.. Ќе се прави вонреден надзор во затворот, а на проверка одат снимки од безбедносните камери и мобилни на затворски службеници.. Први кои го објаснуваат случајот се затворските полицајци што го придружувале Мемети.

„Повредениот припадник на затворската полиција е задржан на лекување, додека останатите тројца кои го спроведувале осуденото лице и нивниот сменски командир се задржани во полициска станица“, велат од обвинителството.

Директорот на затворот Идризово, Шпенд Идризи, денеска не одговараше на телефонските повици. Недостапен остана и првиот човек на Управата за извршување санкции – за настанот информираше преку писмено соопштение..

Од обвинителството велат дека Побегнатиот затвореник се бара со потерница и осомничен е за обид за убиство на службено лице.

Мемети и претходно не бил достапен за полицијата.. Во 2016та е осуден во отсуство за убиство во Мала Речица, а по четири години бегство е приведен во Германија. Му се судело повторно и во Идризово требало да остане до 2040та.. Бил гонет и за продажба на дрога, разбојништва, недозволено поседување оружје.Затвореник бил и во тетовскиот затвор во 2008, ама и таму побегнал по само една недела помината зад решетки..