Три месеци не се открива дали на Клинички имало злоупотреби од директори
И по три месеци молк од Министерството за здравство и Беким Сали што ќе преземат по вонредните контроли на Фондот за здравствено осигурување за директорите на болниците и клиниките.
Кој земал повеќе пари за дежурства, кој прикажувал присуство на работа, а бил на службено патување и останати други злоупотреби, нема јавно образложение од првиот човек во здравствениот систем. Освен оставките на двајцата менаџери на Детска и медицинскиот директор на Онкологија, никој друг не дојде до позиција за напуштање на директорскиот кабинет.
Иако побаравме конретен одговор со евентуални мерки, од здравство добивме описно образложение дека такви контроли за прв пат биле побарани во јавните здравствени установи и затоа има дилеми во јавноста.
-Министерството за здравство се залага за поефикасен здравствен систем, што е заедничка определба на сите институции и на Владата на РСМ. Првпат досега се побарани извештаи во сите клиники истовремено, и оттука се разбирливи дилемите во јавноста околу оваа активност. За појаснување, законските надлежности за финансиското работење на клиниките и јавните здравствени установи, се обврска на ФЗО. Во делот за констатирање и преземање мерки, согласно закон, се надлежни повеќе институции. Министерство за здравство се грижи за зачувањето на интегритетот на клиниките и на сите здравствени установи. Потенцираме дека овој процес не е затворен, во континуитет продолжуваат редовните контроли врз области кои се во директна надлежност на Министерството за здравство, согласно законските прописи, ни одговорија од МЗ.
Но така не зборуваше министерот за здравство кон крајот на октомври кога зборуваше и за други смени откако почнаа контролите по оставките на Софијанова и Васев.
-Фондот направи увид...врз основа на добиените извештаи и заклучоците кои ќе бидат дадени ние ќе преземе соодветни мерки, тоа би значело разрешување, евентуално казнување на директорите, изјави Беким Сали министер за здравство.
Не само за дежурствата на директорите, туку во јавноста го нема и извештајот за ревизијата на Онкогија што министерот за здравство ја побарал од новата медицинска директорка. На оваа клиника имаше обвинувања за злоупотреби со терапии, немање на цитостатици со месеци како и огромни долгови. Одговорот е дека државната ревизија се уште трае.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
