Прилеп има ретки музеи но јавноста за нив не знае речиси ништо
Иако Прилеп ги поседува едни од поретките музеи во Македонија, па и пошироко, тие и се многу малку познати на јавноста. Музејот за тутун, еден од 3-те според вредност во светот, уникатната археолошка поставка, Галеријата на икони, поставката за роднокрајно музичко творештво, единствена во Македонија, етнолошката, Участакот, куќата на Кузман Јосифовски – Питу се поставките кои за жал ги немаат посетено голем број прилепчани, а да не зборуваме за странски гости. Токму затоа годинава музејот ќе започне кампања како кај тур операторите така и кај нашите фирми, институции и училишта за поголема популаризација на музеите.
„Дали ќе бидат како организирани посети, дали ќе бидат како културни настани, како посети од областа на едукативното учење на ученици и средношколци. Ние стоиме на располагање како Завод и Музеј за сите установи да ги посетат овие наши поставки“, изјави Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.
Прилепчани признаваат дека голем дел од не ги посетиле овие музеи, ниту знаат што има во нив.
„Зошто не се оди во музеи? Затоа што немаме таква навика, не си го познаваме своето“, вели еден граѓанин.
„Култура пред се немаме за своето, навика“, додаде друг граѓанин.
„Сега младите пред се бараат да се вработат и да имаат пари, можеби не им дошло до музеи. Тоа е мое мислење, не мора е точно“, кажа трет прилепчанец.
Музеите ги посетуваат најмногу странците и тоа само кога организирано доаѓаат тука, како овие ученици од Еразмус + програмата.
„Можеме да речеме дека историјата е добро зачувана и ние може да се поврземе со таа историја и многу ни се допаѓа“, рекоа српски средношколци кои се на пракса во Прилеп.
Музеите пак не се постојано отворени, сите поставки работат само со најава, но не постојано во текот на денот. За ова требало вработување на соодветен кадар.
„Нашите поставки ги водат кустоси и тие се внесуваат во целата ситуација, меѓутоа некогаш треба да се посветиме и на кадар кој би бил обучен за презентација на овие музејски поставки, кадар кој би бил запознат со изложбата, со приказните околу изложбата“, додаде Цветкоски.
Веќе се правеле и одредени разговори Музејот за тутун, како еден од најпопуларнитет, од сегашната локација надвор од Прилеп, да се премести во центарот градот, за негова поголема посетеност.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар