Во индустриската зона во Општина Карбинци ретко кој започнал со изградба на индустриските капацитети
Сите парцели во индустриската зона во општина Карбинци се продадени уште пред 3 години, но ретко кој од потенцијалните инвеститори започнал со изградба на индустриските капацитети, а некои од нив не извадиле ниту одобрение за градба. Бидејќи, рокот за вадење на одобренија е поминат, сопствениците на градежните парцели ќе треба да плаќаат казнени пенали, за што од општината имаат добиено по една опомена.
-
Само неколку од тие потенцијални инвеститори имаат извадено одобрение за градба или се во фаза на градење. Сите други кои купиле плацови веќе ги надминале роковите за аплицирање за градба, и веќе се обврзани да плаќаат казнени пенали, изјави Виктор Паунов, градоначалник на О. Карбинци.
Паунов не посакува да се реализира најнеповолното сценарио и за општината, а уште повеќе за самите инвеститори. Имено, доколку не се одговори на три последователни опомени, тогаш локалната самоуправа може да им исплати 20 % од вложената сума на инвеститорите, парцелите да ги врати во сопственост на општината и повторно да ги стави на продажба.
-
Се надевам дека во следниот период она што сме го планирале тие да го инвестираат, се со цел да ја развиеме оваа индустриска зона – додаде Паунов
Зоната е лоцирана помеѓу селата Долни Балван и Таринци и е наменета за лесна и незагадувачка индустрија. Општината од сопствениот буџет издвои 9 милиони денари, за асфалтирање на две улици, изградба на тротоари и поставување на атмосферска канализација.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар