ЕСЧП им порача на помилуваните да ги искористат сите правни лекови во државата, жалбите се преуранети
Европскиот суд за човекови права не одговори дали важат аболициите на екс претседателот Иванов.
Наместо пресуда, Стразбур донесе решение со кое жалбите на обвинети во предмети на СЈО ги оцени како преуранети. Дали аболицијата можела да биде повлечена, судот би расправал откако предметите ќе минат низ домашните судски власти.
„ Судот смета дека, далеку од разгледувањето на прашањата за уставноста и легалноста под домашниот закон, кривичните судови може директно да ја применат конвенцијата и да разгледаат дали начинот на кој претседателот ги искористил своите овластувања во врска со помилувањата, кои му се дадени од домашниот закон, ги повредил правата на жалителите“, се вели во одлуката на Европскиот суд за човекови права.
Адвокатот кој се потпиша на апликациите испратени до Стразбур, вели дека судот за човекови права воопшто не анализирал дали аболицијата е законска. Според решението, за тоа првин треба да одлучи Врховен, вели Илиевски.
„Судот сака да му даде пред се шанса на Врховниот суд, бидејчи, таа судска инстанца во Македонија досега никогаш не се произнела по однос на наводите за ништовност на аболициите. Сметам дека нема место за триумфализам кај владата, затоа што апсолутно судот не одлучува дека овие аболициии оправдано се поништени, туку остава простор уште Врховниот суд да се произнесе“, изјави Влатко Илиевски, Адвокат.
Според Илиевски, одлуката на судот укажувала дека основани се аргументите за важност на аболицијата, па како што вели, во понатамошниот тек на постапките, домашните судови да го земат предвид решението на судот за човекови права.
„Доколку беа суштествено неосновани, Судот во Стразбур ќе ја отфрлеше апликацијата, токму по тој основ, а не дека се преуранети.
Така што, апелирам сериозно да ја сфатат оваа порака националните судови и да не ги игнорираат аргументите кои ги изнесовме во преписката што ја имавме со владата пред судот во Стразбур и да не дозволат државата да треба да биде предмет на пресуди кои во иднина би следувале од страна на судот“, вели Илиевски.
Поранешниот премиер Груевски, министри, градоначалници бараа од Стразбур да одлучи дали се ослободени од вина со аболицијата на Иванов.
Тој во 2016та аболицираше 50мина обвинети од СЈО, а по неполни два месеца ја повлече одлуката.
Во жалбата испратена до судот за човекови права беше наведено дека еднаш дадена аболиција не може да се отповика.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
