Македонија
23. February 2023 - 12:22

Минатата година само 50 лица пријавиле мобинг на работно место

Мобинг или вознемирување на работното место постои, но ретко кој пријавува, зашто стравува дека тоа негативно ќе влијае врз идното работење. Минатата година на ниво на држава се поднесени 48 пријави за мобинг, од кои 33 се од јавниот, а само 15 од приватниот сектор. 

-Тажно е уште тоа што, ние како држава, може да се пофалиме само со две судски постапки за мобинг. Значи, говориме за докажани судски постапки во првостепена и второстепена истанца и во двете се работи за јавен сектор, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец - Штип.

Државниот трудов инспекторат има превентивна улога и во законски предвидениот рок постапува по добивањето на пријавата.

- До нас како институција, работниците во секој случај и во секое време можат да поднесат пријава, преставка или барање за извршување на вонрден инспекциски надзор, доколку сметаат дека одредено право, односно, во овој случај истите се изложени на мобинг  од страна на работодавачот, каде што работат. Инспектори кои работат на терен постапуваат по нив, во однос на тоа дали ќе се утврди повреда или нема да се утврди повреда по поднесената пријава од страна на работниците, изјави Фросина Сераимовска, советничка - Државен инспекторат за труд.

Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека е потребно ново законско решение, за заштита и спречување од вознемирување на работа.

- Следната година ќе имаме Закон, кој што ќе ги има во предвид сите оние недостатоци на посточекиот Закон. Она, 6 месеци чекање на постапката, водење на евиденција, предупредување на моберот, сето тоа нема да влезе во новото законско решение, затоа што вознемирувањето може да биде еднократно, а да има многу поголеми последици, отколку да биде повторувано или да биде долготрајно, изјави Светлана Цветковска, раководител на Сектор за еднакви можности-МТСП.

Во состојба кога работодавачите бараат работник повеќе, најмалку е потребен мобинг или кршење на друг вид права од работен однос.