Антикорупциска не може да спречи избор на синови и ќерки во обвинителствата и судовите
На антикорупциска и се врзани рацете да истражува како деца на политичари станаа судии и обвинители. Иако имало сомнеж дека кандидатите предвреме ги знаеле прашањата за примениот испит за почеток на Академијата, сега велат - тоа е завршена работа.
„Тие полагале тестови, креирани преку компјутер. Тука повеќе не можеме ништо да постапуваме. Прашањето е што се случило тогаш, како се провалил тестот, зашто слушнавме такви гласини кои не беа демантирани после тоа, па оставаат простор да веруваме. Толку од тоа“, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
Дали новите судии и обвинители ќе замижуваат во корист на политиката заради нивните роднински врски, од Антикорупциска велат дека ќе зависи од контролата на советите. Освен засилен надзор, очекуваат и распределба која ќе ја намали можноста од влијанија врз новите судии и обвинители.
„Како превентивно, да се внимава на распределбата на овие судии и обвинители, по кои судови и обвинителства ќе се распределат, да не бидат во близина на свои блиски лица, колку – толку да се намали влијанието, иако, тоа е многу тешко“, изјави Ивановска.
Во меѓувреме Судскиот совет идната недела ќе ја почне постапката за распоредување на последната генерација судии со завршена академија. Ќе анализира колку испразнети места имаат судовите, по што ќе објави оглас на кој треба да конкурираат новите 27 судии.
Неколкумина од нив се со звучни презимиња – синот на Талат Џафери и ќерката на Цветанка Иванова. На списокот обвинители се запиша сопругата на Абази кој раководи со одделението за организиран криминал и корупција, а обвинителско место ќе добие и синот на поранешниот претседател на судкиот совет, Здравев.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
