Македонија
7. March 2023 - 16:31

Уставен одлучи - секој од членовите може да стане претседател на Судскиот совет

Претседател на Судски совет повеќе нема да се избира само од членовите предложени од Собранието. Уставниот суд го укина членот од законот кој ја овозможуваше таа пракса, па во иднина, прв човек на советот ќе може да биде и судија.

„Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседател и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на советот со право на глас, се исклучени. Според уставниот суд укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеење на правото и поделбата на државната власт“, изјави Христина Беловска, Портпарол на Уставен суд.

За случајот предмет водеше и Антикорупциска. Изборот на претседател бил дискриминаторски за членовите судии - имале право на глас, ама им било забрането да ја имаат раководната функција во советот. Можноста претедател да биде само член предложен од собранието, за антикорупционерите е ризик за политичко влијание во работата на Судски и отворена врата за корупција.

Законот кој овозможуваше со судски да управуваат само членови избрани од пратеници беше донесен пред четири години. За него зелено светло имаше и Венецијанската комисија.

Со неговата примена раководната позиција во Судски совет ја презема Павлина Црвенковска предложена од Собранието која за неполна година ја напушти фунцијата бидејќи трпела партиски-бизинис притисоци. Ја наследи Весна Дамева, исто така предлог на Собранието, а откако се појави нејзина фотографија со членството на СДСМ, јавноста обвини дека е недозволиво телото кое именува и разрешува судии да го водат лица без ниту еден ден судиски стаж.