Македонија
14. March 2023 - 16:35

Судот констатираше - делото на Даравелски е застарено

Драган Даравелски е слободен човек. Поранешниот цариник кој 20 години се криеше во Србија за да избегне затвор, Основниот кривичен суд денеска го ослободи. Настапила апсолутна застареност, па пресудата со која беше осуден на седум години затвор, не може да се реализира, информира судот.

„Кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршување на делото, а согласно закон, застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе поминат двапати онолку време колку што се бара за застареност на кривичното гонење“

Одлуката за ослободување на Даравелски, судот ја донел без одржување на главно рочиште. Се водел од кривичниот законик кој утврдува застареност, па анализирајќи ги годинините кога Даравелски го сторил делото и кога е осуден, судот заклучува дека екс Цариникот од декември лани не може да биде гонет за злоупотреба на функцијата од 2001та.

Даравелски во земјава првпат по две децении влезе во јануари. Отако беше приведен, неговиот адвокат побара повторување на постапката бидејќи, некогашниот прв цариник кој престојуваше во Србија, не знаел дека е осуден во земјава.. Екстрадицискиот притвор не значел дека тој знае дека треба да оди во затвор, се бранеше судот. Законско информирање се сметало само кога властите од државата во која е осуден лично ќе го известат дека за тоа. Така дека треба да оди во затвор, Даравелски дознал кога влегол во земјава, а обврска на судот била да дозволи повторно отворање на случајот кој заради застареност, му донесе слобода на поранешниот прв човек на царината.

Од судот велат одлуката е неправосилна - дали обвинителството ќе се жали, од таму за Сител велат дека треба првин да го добијат решението за укинување на пресудата.

Даравелски беше гонет дека го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра.