Македонија
5. April 2023 - 19:56

Ново одложување на судењето за Жан Митрев

Второ одложување на судењето за Жан Митрев. Предметот цел месец е во Апелациониот суд кој се чека да одлучи за замрзнувањето на имотот на клиниката, па одбраната не можела да направи увид во доказите. Адвокатите бараа два, добија рок од еден месец да се спремат за почеток на судењето. Атмосферата во судницата се вжешти откако обвинителството побара повеќе рочишта, а одбраната обвини за притисоци.

Не побарав итност, туку судење во разумен рок. Тоа е во ваш интерес со оглед на мерките за обезбедување имот, изјави обвинителката Искра Хаџи Василева.

Бараме судењето да се одвива во нормална атмосфера. Нема потреба од итна постапка. Во интерес на правдата, на еднаквоста на оружјето, барам да овозможите на мир да ја подготвуваме одбраната, рече во судницата Никола Додевски, адвокат на Митрев.

Адвокатите на оштетните повикаа на фер судење бидејќи како што велат, роднините ја сакаат вистината.

Од клиниката обвинија дека судењето е инструиран процес кој се води според нечија агенда.

„Досега се покажа дека обвинителството целиот процес го води со намера да наштети, а не со намера да докаже вина, затоа што и самите знаат дека вина не постои.  И покрај сето тоа Клиника Жан Митрев и д-р Митрев, ја продолжуваат својата борба за правдата и за докажување невиност во овој инструиран процес и паралелно под целиот притисок продолжуваат да работат со своите пациенти, лекувањето и исполнување на својата хумана мисија“ 

Следниот термин за почетокот на судењето е 12 мај. Докторот Митрев е обвинет за измама на пациетни на кои методот зхемофилтрација го претставувал како ефикасен лек против Ковид.