Македонија
24. April 2023 - 16:31

Историчарите загрижени: Наставниците ќе останат без работа а учениците без знаење

Штетен за учениците ама и за државата – вака здружението на историчари го оценува спојувањето на Историја, Граѓанско и Географија во еден учебник за идните шестооделенци.

„Секое избрзано донесување, сега, во последен момент на некаква наставна програма за шесто одделение, повторно ќе резултира со инстант подготовка на учебник кој ќе нема никаква научна издржаност. Предупредуваме дека ваквите избрзани решенија само штетат на севкупниот образовен систем“, вели Митко Панов, Претседател на Здружение на историчари.

Новиот предмет, „Историја и и општество“, е механичко спојување на неповрзани теми, кои се збунувачки за учениците и наставниците, смета Панов. Вели, се проблематизира и оценувањето, а загрозени биле и работните места на наставниците.

„На овој начин, со новата концепција се заканува дека ќе останат без доволен број часови бидејќи предметот ќе интегрира три предмети и во таа смисла, категорично се спротиставуваме на натамошната имплементација на концепцијата. Недозволиво е да се укинува предметот Историја кој е воведен со асномските одлуки и за првпат по после седум децении се укинува предметот Историја  и се прави некаков вештачки конструкт“, вели Панов.

Предмет, „Историја и и општество“ може дел од наставниците да ги остави без работа, предупредува и независниот синдикат за образование и наука. Велат платата зависи од бројот на часови, а спојувањето ќе значи кратење кое може да резулчтира со технолошки вишок.

Учебник со споени предмети први добија петооделенците,  но тој е полн со грешки. Источен сосед ни е Албанија, Нобелова награда за наука, Египетскиот календар е лунарен се дел од 60 пропусти во учебникот.