Одбележани 80 години од смртта на прилепскиот премиер на Турција
Синоќа во Прилеп беа одбележани 80 години од смртта на прилепчанецот Али Фети Окијар, истакнат турски политичар, десна рака на претседателот Мустафа Кемал Ататурк. Тој во својата кариера бил два пати премиер на Турција, претседател на турското собрание, 5 мандати пратеник во истиот парламент, министер за внатрешни работи, министер за правда, а бил и амбасадор на Република Турција во Бугарија, Франција и Англија. Тој бил човекот во Ататурк имал најголема доверба. Ова е за прв пат неговиот лик и дело да се одбележуваат во Прилеп, а присутни беа амбасадорот на Турција во Македонија, а од Турција пристигна и неговиот внук кој исто така се вика како неговиот дедо, Али Фети Окјар.
„Многу сум задоволен што се прави вака комеморација во името на мојот дедо кој е роден во Прилеп и многу сум горд поради тоа. Мислам дека тоа што се прави оваа комеморација ја зголемува поврзаноста на двете земји кои се поврзани историски уште многу одамна и ќе биде од голем придонес“, истакна Али Фети Окјар, внук на Али Фети Окјар.
Овој проект е финансиран од Министерството за култура.
„Преку неговиот лик сакаме да направиме една меѓуинституционална, меѓунационална и секако меѓудржавна соработка, да го направиме неговиот лик подостапен до јавноста“, рече Рубинчо Белчески, историчар во Завод и музеј Прилеп, како и раководител на целиот овој проект.
Од Општина Прилеп истакнаа дека во иднина ќе се потрудат уште подостојно да го одбележат овој значаен историски лик.
„Овој лик, овој поборник за демократија и либерален поглед на светот да заслужи почесно место во својот роден град, кој се разбира во координација и соработка со Музејот и Министерството за култура можеме да подготвиме некое обележје, пример спомен соба, споменик или име на некоја улица“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Прокектот на истражување и собирање на потребната документација за Али Фети Окјар ќе трае до октомври кога ќе биде организирана и голема изложба со собраниот материјал.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар