Македонија
16. May 2023 - 16:46

Меѓусоседска расправија во Демир Капија заврши со убиство и самоубиство

Пукал во соседот па и сам се застрелал. Ова е епилогот од  меѓусоседско недоразбирање меѓу двајца жители на Демир Капија кои живееле под заеднички покрив. Крвавата драма се одиграла утринава во малиот станбен објект со четири семејства лоциран во центарот на Демир Капија. 72 годишниот Марко кој живеел на приземјето со пиштол во рака се качил во станот на првиот кат и пукал во 34 годишниот Бојан Младеновиќ. Веднаш се вратил во својот дом и сам се застрелал.

Жителите на малата општина со неверување говорат за убиството и самоубиството меѓу своите соседи. Сведочат дека најверојатно настанот се случил утринава околу 3 часот, бидејќи истрелите ги слушнале вработени во блиската пекара. Велат, Бојан бил убиен на спиење бидејќи имал пракса да не ја заклучува влезната врата. Бојан живеел сам, Марко имал сопруга која моментално била на болничко лекување.  Не знаеја што е причината за крвавата драма, но се сеќаваат дека нивниот повозрасен сограѓанин и претходно имал недоразбирања со соседи од истата куќа.

Двете семејства и биле познати на полицијата. 72 годишниот Марко повеќепати го пријавувал својот сосед заради вознемирување. Се жалел на тропањето кое доаѓало од горниот кат каде живеел 34 годишниот Бојан. Последната пријава полицијата ја добила во средината на јануари. Двојно помладиот сосед бил повикан на разговор, добил предупредување и совет за меѓусебна почит. Соседите пак тврдат дека  повозрасниот сосед имал кавги и со поранешни станари.

Само годинава полицијата добила две пријави за нарушените меѓусоседски односи на овие две семејства во Демир Капија, но непознато е дали и претходно постоела нетрпеливост. Што го натерало 72 годишникот да посегне по пиштолот кој неофицијално го поседувал со дозвола, дополнително ќе се истражува.

Дали само нарушените односи кај двајцата соседи се мотив за убиството и самоубиството ќе испитуваат полицијата и обвинителството. Пиштолот е земен за вештачење, а телата на починатите се предадени на обдукција.