Македонија
26. јуни 2023 - 16:51

Тим од обвинители проверува како струшкото и битолското обвинителство постапувале за Рамиз Мерко

Случајот Мерко ги размрда правосудните органи. Тим државни обвинители денеска ги тресат предметите за градоначалникот во струшкото обвинителство и вишото во Битола, а утре под лупа на Судскиот совет оди и Основниот суд.

Малку информации открива обвинителството околу што ќе се истражува. Минатата недела обелодени дека се водат шест истраги за Мерко - за некои работната папка била отворена уште пред осум години.

Нејасно е зошто нема проверка во обвинителството со кое раководи Абази, иако дури три предмети за струшкиот градоначалник се во рацете на обвинителството, кое гони криминал и корупција.

„Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите на ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“, велат од обвинителството.

Нема детали ниту за набавката на луксузниот службен автомобил, предмет за кој од антикорупциска открија дека минал низ две обвинителства, а од пред две години е во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

А, дали Мерко се мешал во одлуки на струшкиот суд, од утре во инспекција заминува и комисија на судски совет. Не е предвидено отворање на предмети, тричлениот тим оди само на разговор со судиите, за како што велат од Судски, да се провери дали имало притисоци. По посетата, најавуваат писмен извештај.

А наместо одговор како ја снемало претставката за претседателот на судот во Струга која во меѓувреме и застарела, советот вина пронајде кај антикорупционерите. Не требало да чекаат цели две години да прашаат за исходот од предметот. Го побараа и документот за кој антикорупциска тврди дека е потврда за поднесената претставка која се изгубила во архивата на судски.

„По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таквата претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека „претставката е загубена''. Ја повикуваме ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина архивирана во Судски совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување“, велат од Судски совет. 

Тимовите на обвинителство и судски одат во Струга по една недела откако американските власти Мерко го ставија на црната листа заради корупција и влијание врз судии и обвинители.