Македонија
2. July 2023 - 16:31

По 7ми пат аутдор фестивал во Крушево

Во Крушево викендов по 7-ми пат се одржa аутдор фестивалот „When in Krusevo“. Планинарење, велосипедизам, кајак, јавање на коњи, зип-лајн, адреналински парк, возење на троколки, трка низ крушевските улици, многу, многу адреналин, како и одлични концерти и забава на ски терените на Станиќ.

„When in Krusevo“ несомнено уште еднаш докажа дека е најдобриот аутдор фестивал кај нас со најголем број содржини.

„Мисијата секако е да ги промовираме крушевските убавини, да ја промовираме оваа природа, а секако нашата мисија е да ја зголемиме свесноста за зачувување на животната средина која што е навистина важна“, рече Димитар Ангелкоски, организатор на „When in Krusevo“.

„Она што е добро е тоа што секоја година ги гледаме истите луѓе, но секоја година гледаме и нови луѓе кои ни се приклучуваат на фестивалот. На некој начин, ние ја исполнуваме нашата првенствена мисија да го промовираме и популаризираме Крушево“, додаде Влатко Петревски, организатор на „When in Krusevo“.

Учесниците кои ги имаше од цела Македонија велат дека Крушево е одлична дестинација за развој на алтернативниот туризам со огромни можности за развој на голем број адреналински спортови. 

„Ова ми е првото летно издание на Фестивалот на кое што сум била, сега за сега се е одлично, ќе започнеме да ја искачуваме планината, подготвени се и се е во најдобар ред“, рече една учесничка на фестивалот.

„Убаво е кога се организира нешто, доаѓаат луѓе, едноставно вакви настани се потребни почесто“, кажа друга учесничка на фестивалот.

„Дружбата е прва лига, турата не е некоја тешка и захтевна, може да ја извози секој. Едноставно добра дружба и социјализација“, кажа друг учесник на фестивалот. 

Се одржа и трка на 5 км околу крупшевското езеро и низ крушевските улици.

„Трчањето е се популарно, се почесто гледаме деловни луѓе, татковци, мајки стануваат наутро во 5 часот, прво трчаат, па потоа одат на работа и тоа е за поздравување“, истакна Никола Кискоски, волонтер на трката.

„Се повеќе зема замав трчањето и спортот воопшто и на глобално ниво и во Македонија и многу ми е драго што и во помалите градови како Крушево се случуваат натпревари“, изјави Иван Трпчевски, државен првак во триатлон.

Денеска учесниците ќе ги посетат крушевските музеи, но и ќе ја вкусат крушевската кујна на саемот за традиционална храна.