Македонија
3. July 2023 - 16:33

Обвинителите се уште го проверуваат случајот „Мерко“, опозицијата тврди дека „Феникс“ е обид за дефокус

Обвинителските папки со името на струшкиот градоначалник под опсервација. Се истражува, како, домашните институции не го препознале влијанието врз правосудството заради кое Рамиз Мерко се најде на американската црна листа. Од обвинителството за Сител велат работат посветено. Посетиле три обвинителства, се проверувало почитувањето на рокови и процедури за да се открие дали Мерко одлучувал за судбината на предметите со негово име.

Додека се чека извештајот за струшкиот градоначалник, Обвинителството со кое раководи Абази најавува дека во следниот период ќе ги повика на распит осомничените за предметот „Феникс“. По едно лице се уште трага - ако не биде пронајдено на посочените адреси, ќе се бара со потерница. Со случајот се осомничени вкупно 15 лица, половината функционери на претходната власт за кои обвинителството тврди дека спомениците за „Скопје 2014“ ги плаќале двојно поскапо.

За опозицискиот лидер, „Феникс“ е театар за кој како што вели Мицкоски, служи за дефокус на криминалите на власта. Ако имало дело за набавката на спомениците, обвинение ќе имало многу порано.

„Заедно со камерите да појдете на споменикот од Слупчане и да прашате таму во Слупчане кој ја дал дозволата за градба, кој го финансирал и како е финансиран, и го охрабрувам истиот тој обвинител за кој што вие кажувате да отвори една таква предистрага, нека се охрабри, барем предистрага, или можеби сакате да одиме до Зајас или можеби сакате до Колари или сакате уште во неколку места да ве однесам во Македонија, каде што има такви нелегални градби, и каде што има основано сомневање за еден можеби поспектакуларен случај од овој кој што служи исклучиво за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои што денеска ја имаат за жал заробено Македонија“, вели Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ. 

Партијата на власт пак пресмета како можеле да се потрошат парите за кои се води истрагата „Фениск“. „Феникс“ одведе шестмина во притвор, за останатите дополнително ќе се бараат мерки кои ќе спречат нивно евентуално бегство.

„Една нова, современа и целосно опремена детска градинка за 200 дечиња чини околу 1,5 – 1,7 милиони евра. Тоа значи дека за 57 милиони евра можело да се изградат 33 нови детски градинки ширум државата. Ете зошто во времето на ДПМНЕ не се градеа нови детски градинки, не се градело затоа што се крадело. Од ДПМНЕ решиле дека наместо за народот, за граѓаните, за дечињата, парите треба да завршат во нечии џебови“, вели Лидија Тасевска, СДСМ.

„Феникс“ одведе шестмина во притвор, за останатите дополнително ќе се бараат мерки кои ќе спречат нивно евентуално бегство.